Теодора Силјаноска – Back-end Developer и демонстратор на Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола
Во рамките на проектот „ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“ започнавме серија интервјуа за промоција на добри практики, истакнувајќи го придонесот на жените кои работат во традиционално машки индустрии. Преку нивните искуства и успеси се стремиме да ги охрабриме и мотивираме целните групи на програмата. Разговараме со Теодора Силјаноска – Back-end Developer и демонстратор на Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола.

Теодора Силјаноска е докторант на Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола, каде што активно истражува во полето на софтверско инженерство, визуелна податочна анализа, информатички системи и управување со знаење. Поседува магистерски титули по информатички науки и комуникациско инженерство, како и по маркетинг менаџмент, што ѝ овозможува уникатна комбинација на технички и бизнис компетенции.
Во моментов работи како Backend Developer во компанијата Creative Labs – Битола, каде што е ангажирана во развојот на напредни софтверски решенија, имплементирајќи модерни технологии и методологии за софтверски развој. Покрај тоа, таа е демонстратор на Факултетот за информатички и комуникациски технологии, каде што ги пренесува своите знаења и искуства на идните генерации на инженери.
Како активен истражувач и учесник на научни конференции, Теодора има објавено научни трудови на меѓународни конференции поврзани со управување со знаење, електронска трговија, анализи на податоци и дигитални трансформации. Нејзиниот професионален пат вклучува и учество во проекти со компании како Vista Group, IW:Connect иEndava, каде што стекнала практично искуство со најсовремени програмски технологии и развој на софтверски решенија за глобалниот пазар.
Нејзината извонредност во академскиот и професионалниот развој е потврдена со престижното признание „Инженерски прстен“ за 2024 година, како и со титулата првенец на генерација на ФИКТ. Како добитник на ова признание, учествува во иницијативи за поддршка и промоција на жените во STEM областите, вклучувајќи средби со институции и лидерски програми за поттикнување на идните генерации инженери.
Теодора, што значи успех за вас во вашата кариера и како се менувал тој концепт од почетокот до сега?
За мене, успехот во кариерата претставува континуиран професионален и личен развој, применување на стекнатите знаења за создавање иновативни софтверски решенија и оставање позитивно влијание во индустријата. На почетокот, успехот го дефинирав преку своите академски достигнувања, постигнување на високи резултати и стекнување на технички компетенции. Со текот на времето, сфатив дека вистинскиот успех лежи во интеракцијата со индустријата, учеството во значајни проекти и споделувањето на знаењето со идните генерации инженери.
Денес, успехот го гледам во создавањето иновативни решенија што оставаат траен отпечаток, во интегрирањето на технологијата со бизнис стратегиите за да се обликува дигиталната иднина и во можноста, преку истражување, предавања и менторство на помладите колеги, да инспирирам нови генерации лидери во STEM областите.
Какви се најголемите предизвици со кои сте се соочиле како жена во оваа област и како ги надминавте?
Како жена во областа на ИТ индустријата, секој чекор што го преземав беше насочен кон надминување на предизвиците во свет што традиционално е доминиран од мажи. Првичниот предизвик беше да се соочам и да ги надминам длабоко вкоренетите предрасуди и стереотипи кои влијаат на перцепцијата за родовата застапеност во инженерството. Во раните фази на мојата кариера, беше неопходно да вложам дополнителен труд за да го докажам својот капацитет и да го променам влијанието на овие стереотипи во работната средина.
Со текот на времето, преку континуирано усовршување, посветеност и активно учество во значајни проекти, успеав да изградам силен професионален кредибилитет. Моето патување продолжи со соработки со водечките ИТ компании и активно учество во научни истражувања, што ми овозможи да поставам цврсти темели за мојата кариера, како во академската така и во индустриската сфера. Ова искуство ја потврдува важноста на упорноста, стручноста и посветеноста како клучеви за успех во област што историски не била доволно отворена за жените.
Дали имате некој момент или искуство во кариерата што ви било особено инспиративно или наградувачко?
Еден од најинспиративните моменти во мојата кариера беше добивањето на признанието „Инженерски прстен“ за 2024 година, кое претставува потврда за посветеноста и напорната работа во областа на инженерството. Ова признание ми даде дополнителна мотивација да продолжам со истражувачката и професионалната работа и да бидам дел од иницијативи што го поттикнуваат развојот на жените во STEM. Дополнително, учеството на средбата со Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини по повод Меѓународниот ден на жените и девојките во науката беше значајно искуство што ми даде можност да разменам идеи со други успешни жени во науката и технологијата.

Како мислите дека родовата разновидност влијае на работната атмосфера и решавањето проблеми на вашето работно место?
Родовата разновидност во ИТ секторот игра значајна улога во подобрување на работната атмосфера, процесот на донесување одлуки и иновативноста во решавањето на проблеми. Жените во технологијата носат различни перспективи, аналитички пристап и фокус на деталите, што ја подобрува ефективноста на тимовите.
Во моето работно опкружување, разновидноста во тимовите доведе до поиновативни решенија и подобра соработка. Балансот помеѓу различни пристапи и начини на размислување помага во создавање на поодржливи и кориснички ориентирани софтверски решенија.
Како мислите дека вашето работење како жена во оваа област ќе влијае на идните генерации?
Како жена во областа на ИТ и софтверско инженерство, верувам дека мојата работа ќе има позитивно влијание врз идните генерации преку:
– Академската кариера, односно работата како демонстратор, со цел да ги едуцирам и поддржам помладите генерации во развојот на ИТ вештини и софтверски решенија преку пренесување на моето знаење и искуство
– Освојување престижни награди кои ја потврдуваат мојата стручност и укажуваат на тоа дека жените можат да имаат значајна улога во технолошките иновации.
– Работа на создавање софтверски решенија кои ќе решаваат конкретни проблеми и ќе придонесат за напредокот на индустријата
Како дел од образовните и научните иницијативи, се надевам дека ќе инспирирам повеќе девојки и млади жени да станат дел од технологијата, рушејќи ги традиционалните бариери и создавајќи поинклузивна и иновациска средина.
Што би им советувале на младите жени кои размислуваат за кариера во оваа област?
На младите жени кои размислуваат за кариера во оваа област, би им порачала:
-Верувајте во себе и во својот потенцијал, не дозволувајте стереотипите да бидат ограничувачки фактор
-Бидете постојано љубопитни и учете, технологијата се развива брзо, а континуираното учење е клучно за успех во било која сфера
-Не плашете се да прифатите предизвици, најдобрите можности често се оние што бараат напуштање на комфорната зона
-Изградете мрежа на контакти и барајте менторство, професионалното вмрежување и поддршката се од огромно значење за напредок.
Дали сте имале ментори или друг вид на поддршка што ви помогнала на вашиот професионален пат? Како ја гледате важноста на таквата поддршка?
На мојот професионален пат имав поддршка од професори, колеги и ментори кои одиграа значајна улога во мојот развој. Менторството е еден од највредните ресурси за секој млад професионалец бидејќи овозможува споделување на знаење, насочување и побрз раст во кариерата. Лично, сметам дека поддршката и менторството се клучни за развојот на младите жени во STEM. Затоа, се залагам за иницијативи што ќе овозможат поголем пристап до ментори, практикантски програми и можности за професионален развој. Успехот не е само индивидуален – тој се гради преку заедничка поддршка, соработка и инспирација!