Skip to main content
Успешни приказни

Стефани Јосифовска – Машински инженер


Во рамките на проектот „ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“ започнавме серија интервјуа за промоција на добри практики, истакнувајќи го придонесот на жените кои работат во традиционално машки индустрии. Преку нивните искуства и успеси се стремиме да ги охрабриме и мотивираме целните групи на програмата. Разговараме со Стефани Јосифовска, Машински инженер и дел од Одделот за ревизија во PwC Словенија.

Стефани, дали би сакале накратко да ни кажете за вас и вашата професија?

Јас дипломирав на Машинскиот факултет во Скопје во 2022 година, на смерот моторни возила. Веднаш потоа ги започнав и магистерските студии во областа на автоматизираните системи кај возилата.

Во текот на студиите, бев прилично ангажирана и во повеќе воннаставни активности. Како дел од нив би ја издвоила работата на неколку проекти и научни трудови, како и ангажираноста во студентски организации, со цел стекнување на други искуства, кои самите универзитетски програми не можат да ни ги понудат во склоп на традиционалната настава. Па така, во студентските денови се пронајдов и во улога на координатор на неколку настани, одговорна за финанции и благајник, како и одговорна личност за студентите, кои преку нашата организација доаѓаа на пракса во Македонија. Покрај тоа, и самата се испробав на неколку инженерски позиции преку посетување на три пракси – една на домашен терен, и две во Шпанија и Словенија.

Во текот на првата година на моите магистерски студии, работев и како демонстратор на Институтот за машински конструкции, механизациони машини и возила, а паралелно ги продлабочував и своите ИТ знаења, по што започнав да работам како frontend програмер на проект од областа на финансиската технологија во Словенија. Во рамките на мојата работа започнав да ја истражувам и областа на UX дизајн, а потоа и самостојно да водам дел од проектот. Паралелно работев и како менаџер на глобалната програма за размена на студенти во организацијата ИАЕСТЕ (меѓународна организација за размена на студенти од STEM областите, за стекнување на практични искуства).

Денес сум насочена во областа на финансиите, односно работам во Одделот за ревизија во PwC Словенија. На оваа позиција имам можност да ги унапредам досега стекнатите знаења, а се надевам дека во иднина ќе имам можност истите да ги спојам со досегашните инженерски искуства.

Што значи успех за вас во вашата кариера и како се менувал тој концепт од почетокот до сега?

На почетокот сметав дека успехот во кариерата се мери само со одредени достигнувања и големи кариерни пресвртници, меѓутоа со текот на времето, мојот поглед на успехот почна да се менува. Од денешна гледна точка, сметам дека најголем кариерен успех пред се претставува да се пронајдеме себеси во областа која не интересира, и да го работиме она што го работиме со љубов. Секако, доколку го постигнеме тоа, константниот придонес на проектите кои ги работиме, како и исполнувањето на целите и традиционалните „мерки“ за успех доаѓаат сами по себе.

Би рекла дека и константното напредување, во смисла на стекнување искуство, нови знаења, а понатаму и менторирањето и мотивирањето на нови генерации, претставуваат најголем успех во кариерата, и се нешто кон коешто и самата стремам.

Какви се најголемите предизвици со кои сте се соочиле како жена во оваа област и како ги надминавте?

Земајќи го предвид фактот дека во своите студии се насочив кон моторните возила, коишто се традиционално машки сектор, предизвици секако дека имаше. Во најголем дел се однесуваа на стигмата дека само машките се заинтересирани за автомобилизмот, и дека женските никогаш не би можеле да го достигнат нивното ниво. Сепак, морам да признаам дека бев и позитивно изненадена од тоа колкав дел од колегите беа отворени за соработка и немаа никакви предрасуди ниту кон мене, ниту кон останатите студентки.

Во студентските денови, во склоп на различните проекти на коишто учествував, бев дел од прилично родово еднакви тимови, каде што женските и машките имаа подеднакво одговорни улоги. Во понатамошните проекти во коишто учествував по завршувањето на студиите, за жал бев единствено женско (барем во тимовите што се бавеа со развој)м меѓутоа не чувствував никакви предрасуди базирани на пол. Сметам дека во последен период, како последица на зголемувањето на бројот на женски во овие области (во мојот случај машинство и ИТ), колективната свест е драстично променета и подеднаквото учество и придонес на женските во оваа сфера се прифаќа попозитивно отколку историски гледано.

Дали имате некој момент или искуство во кариерата што ви било особено инспиративно или наградувачко?

Дефинитивно би го издвоила признанието „Инженески прстен“ за 2022 година, како и златникот доделен од страна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за најдобро дипломираните студенти. Тоа за мене претставување признание за напорната работа и сиот вложен труд во текот на целите студии, како и мотивација за продолжување во сферата на возилата, на магистерски студии. Дополнително ме поттикна фактот што, за разлика од претходните години, меѓу добитниците на признанијата доминираа женските, што е дополнителен доказ дека полека стануваме рамноправни и во овие води, а за тоа сме и соодветно препознаени и одликувани.

Како мислите дека родовата разновидност влијае на работната атмосфера и решавањето проблеми на вашето работно место?

Сметам дека не само во инженерската сфера, туку и во било која индустрија, родовата разновидност е круцијална за нормално функцоинирање на еден тим. Не можам да кажам дека мажите или жените придонесуваат повеќе или се побитен дел од една екипа – инхерентно имаме различни приспати кон проблемите и различен начин на размислување и нивно решавање. Од моето досегашно искуство, и во сферата на ИТ и машинството, би можела да кажам дека при изнаоѓање на решенија на инженерски или бизнис проблеми, мажите секогаш имале похрабри идеи, додека пак жените размислувале попрагматично, што на крајот секогаш резултирало во совршен баланс помеѓу креативноста и практичноста, и изнаоѓање на најдобрите решенија.

Како мислите дека вашето работење како жена во оваа област ќе влијае на идните генерации?

Луѓето секогаш чувствуваат потреба да бидат дел од група, па така, женските коишто допрва треба да одлучуваат за својот кариерен пат и се заинтересирани за насочување во некоја област STEM, бараат мотивација во жените кои веќе успеале да изградат кариера во истата област. Па така, сметам дека не само јас, туку и било која жена во било која област, која е традиционално доминирана од страна на машкиот пол, сама по себе претставува мотивација. Без разлика колку сме далеку во својот кариерен пат, со самото тоа што сме се одлучиле да зачекориме во овие области, би можеле потенционално да ги мотивираме младите девојчиња да го направат истото, бидејќи им покажуваме дека тоа е возможно. Па така, сметам дека доколку мојот кариерен пат во некој момент успее да мотивира барем едно женско да се насочи во STEM областите, веќе сум извршила позитивно влијание на идните генерации.

Што би им советувале на младите жени кои размислуваат за кариера во оваа област?

Би им советувала да бидат храбри и што е можно поскоро да зачекорат во кариерните води. Побрзото стекнување на практични искуства, дали преку проекти или пракси во индустријата, ќе им отвори поглед кон тоа како изгледа да се работи во избраната сфера, па така ќе можат што порано да одлучат дали тоа е патот за нив и кариерата во која се гледаат. Исто така, би сакала да им порачам дека дури и да направат погрешен избор, сепак постојат многу можности во светот, и никогаш не е доцна за преквалификација. Инженерството е толку широка област, што со доволно храброст и проактивност, секој може да се пронајде во некоја специјалност и да направи огромен придонес.

Дали сте имале ментори или друг вид на поддршка што ви помогнала на вашиот професионален пат? Како ја гледате важноста на таквата поддршка?

Сметам дека менторството е можеби и најважниот дел од кариерниот развој. Првите ментори со коишто се среќаваме на почетокот на кариерата се, секако, професорите на факултет. Имав среќа уште од самиот почеток на моите студии да работам со тогаш асистентка, а денес професорка, од областа на моторните возила, што секако беше огромна мотивација за мене, особено бидејќи и таа самата е жена која се изборила во овие води. Исто така би го споменала и мојот ментор на магистерските студии. Сметам дека во оваа фаза, менторот игра клучна улога, бидејќи е веќе доволно специјализиран во областа во којашто сакаме да се специјализираме и ние самите, па така и тој има влијание на кариерниот развој.

Кон крајот на студиите, бев и дел од програмата за менторство на FISITA, меѓународна мрежа за инженери во областа на моторните возила. Во склоп на проектот добив ментор од групацијата Renault во Франција, со којшто имав неколку средби и кој ми даде насоки и совети од личната кариера, како и контакти во индустријата во повеќе Европски држави. Иако на крајот се одлучив да се насочам кон ИТ индустријата, сепак ова искуство беше прилично корисно за мене, бидејќи имав можност да го согледам начинот на размислување на човек кој успеал да стигне до прилично висока точка во својата кариера