Радмила Колева – Машински инженер и асистент на Машинскиот факултет при УКИМ
Во рамките на проектот „ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“ започнавме серија интервјуа за промоција на добри практики, истакнувајќи го придонесот на жените кои работат во традиционално машки индустрии. Преку нивните искуства и успеси се стремиме да ги охрабриме и мотивираме целните групи на програмата. Разговараме со Радмила Колева – Машински инженер и асистент на Машинскиот факултет при УКИМ.

Радмила, дали би сакале накратко да ни кажете за вас и вашата професија?
Додипломските студии ги завршив во 2016 година на Машинскиот факултет во Скопје при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје при што во истиот период, непосредно пред дипломирањето односно завршувањето првиот степен студии имав голема среќа да се вработам во приватна компанија, ЦВТ дооел Скопје како машински инженер. Таму работев речиси 5 години и стекнат огромно инженерско искуство. Луѓето со кои работев таму се големи професионалци кои несебично го споделуваа сето нивно знаење, но за сметка на тоа јас напорно работев за да го одржам и моето и нивото на компанијата високо. Паралелно со работата, во 2016-та година се запишав на втор циклус, после дипломски студии на Машинскиот факултет во Скопје и истите ги завршив во 2019 година. За сето тоа време освен што работев на проекти во компанијата, работев и на научно истражувачки проекти во кои бев вклучена благодарение на професорите од Институтот каде што бев запишана на втор циклус студии. Следејќи ги личните потреби и потребата од поголем професионален раст, на самиот крај од 2020-та година се вработив на Машинскиот факултет во Скопје како асистент. Веднаш потоа во 2021 се запишав на трет циклус студии кои и ден денес се во траење, а ја истражувам областа на примена на машинското учење и вештачките невронски мрежи во областа на управувачките системи. За време на докторските студии во 2023 имав можност да отпатувам на престој во Австрија на Катедрата за Автоматика при Универзитетот во Леобен. Луѓето кои ги запознав и со кои соработував таму направија големо влијание во добивање на знаења од областа на мојот докторат, но и во личниот развој.
Што значи успех за вас во вашата кариера и како се менувал тој концепт од почетокот до сега?
Успехот за мене отсекогаш претставувал динамичен концепт кој се развивал низ годините. На почетокот од мојата кариера, успехот го дефинирав како стекнување на технички знаење, постигнување академски и професионални цели, како и градење на цврста основа во областа во која работам. Ми беше особено важно да се докажам, да ги совладам техничките аспекти и да бидам препознаена како компетентен професионалец.
Со текот на времето, моите погледи за значењето на успехот се проширија и еволуираа. Денес, успехот не го гледам само низ призма на лични достигнувања, туку и преку влијанието што го имам врз останатите луѓе. Придонесот кон развојот на науката, менторирањето на помлади колеги, како и можноста да бидам инспирација за идните генерации, станаа клучни фактори за тоа како го доживувам успехот. Успех е и да создавам одржливи проекти кои имаат значително влијание во областа, да бидам дел од меѓународни соработки и да работам на истражувања кои носат вистинска промена и се предводници на добри практики.
Какви се најголемите предизвици со кои сте се соочиле како жена во оваа област и како ги надминавте?
Како жена во науката и инженерството, сум се соочувала со различни предизвици, но никогаш не сум била потценувана или оттргнувана настрана од моите машки колеги, напротив сум била прифатена и поставена на исто ниво со нив, но ова секогаш значеше дека морав да вложам дополнителен труд и работни часови за да се докажам и да покажам дека моите способности и знаење се на исто ниво, ако не и подобри, од оние на моите машки колеги.
Друг значаен предизвик беше наоѓањето баланс меѓу личниот и професионалниот живот, особено во периодите кога се очекуваше да преземам повеќе работни обврски или кога работата бараше дополнителен ангажман надвор од работното време. Овие предизвици ги надминав преку јасно поставени приоритети, градење силна мрежа на поддршка и постојано инвестирање во личниот и професионалниот развој.
Дали имате некој момент или искуство во кариерата што ви било особено инспиративно или наградувачко?
Имало повеќе моменти во кариерата што биле исклучително инспиративни. Сите проекти на кои досега сум работела се од исклучителна важност за развојот на мојот карактер и професионален живот. Учество на големи меѓународни проекти, учество на меѓународни научни собири, учество на научно-истражувачки проекти се дел од една лична мрежа која ме формира мене како личност спремна да излезе и да се соочи со светските трендови.
Од особена важност се моментите кога мојата работа е препознаена од пошироката научна заедница преку публикации и покани за учество на конференции. Гледајќи како мојот труд има реално влијание и како другите се интересираат за резултатите од моето истражување, постојано ми дава дополнителна мотивација да продолжам со научно-истражувачката работа.
Но, можеби најголемата награда во кариерата ми е кога ќе видам како студентите и помладите колеги напредуваат, како ги применуваат научените концепти и како се инспирирани да продолжат со своите истражувања.
Како мислите дека родовата разновидност влијае на работната атмосфера и решавањето проблеми на вашето работно место?
Родовата разновидност е клучна за успешна работна средина, особено во научните и техничките дисциплини. Различните перспективи што ги носат мажите и жените во тимот придонесуваат за покреативно решавање на проблемите, подобра тимска динамика и поголема иновативност.
Во тимовите во кои сум работела, присуството на родова еднаквост придонесува до подобра комуникација и поголема флексибилност при решавање на предизвиците. Според мене и моето искуство до сега, жените често носат поинаков пристап во лидерството, кој е повеќе ориентиран кон соработка, долгорочно планирање и создавање одржливи решенија.
Како мислите дека вашето работење како жена во оваа област ќе влијае на идните генерации?
Мојата работа не ја гледам само како личен успех, туку и како можност да оставам трага и да отворам врати за идните генерации, едноставно да бидам добар пример. Се надевам дека преку мојата работа и активности ќе инспирирам повеќе млади жени да изберат кариера во науката, технологијата и инженерството и да се охрабрат да ги следат своите амбиции, без оглед на предизвиците.
Што би им советувале на младите жени кои размислуваат за кариера во оваа област?
На младите жени кои размислуваат за кариера во науката би им советувала да бидат истрајни, да веруваат во себе и во своите способности, да не се плашат да ги следат своите соништа, да не се плашат од предизвици, да излезат од зоната на комфор бидејќи тоа е просторот каде што се случуваат големите работи.
Дали сте имале ментори или друг вид на поддршка што ви помогнала на вашиот професионален пат? Како ја гледате важноста на таквата поддршка?
Во текот на мојата кариера, имав можност да учам од повозрасни колеги, искусни професори и истражувачи, кои преку нивните совети го помогнаа мојот раст и развој. Оваа поддршка ми помогна да го пронајдам својот пат, да се усовршувам и да стекнам самодоверба.
Затоа сметам дека е од суштинско значење да се создадат повеќе можности за менторство и поддршка, особено за младите жени во науката и инженерството. Денес, јас се обидувам да ја пренесам оваа поддршка на помладите генерација, менторирајќи студенти и охрабрувајќи ги да ги следат своите лични и професионални цели.