Моника Симјаноска Мишева – Вонредна професорка на Факултетот за компјутерски науки и инженерство во Скопје и ко-основач и COO на компанијата iReason LLC
Во рамките на проектот „ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“ започнавме серија интервјуа за промоција на добри практики, истакнувајќи го придонесот на жените кои работат во традиционално машки индустрии. Преку нивните искуства и успеси се стремиме да ги охрабриме и мотивираме целните групи на програмата. Разговараме со Моника Симјаноска Мишева, вонредна професорка на Факултетот за компјутерски науки и инженерство во Скопје и ко-основач и COO на компанијата iReason LLC.

Моника, дали би сакале накратко да ни кажете за вас и вашата професија?
Јас, д-р Моника Симјаноска Мишева, сум вонреден професор на Факултетот за компјутерски науки и инженерство (ФИНКИ) во Скопје и ко-основач и COO на компанијата iReason LLC. Мојата кариера се одвива на пресекот на академијата и индустријата, каде што во академската средина се стекнувам со научноистражувачки вештини, додека во бизнис контекстот ги учам механизмите преку кои Вештачката интелигенција (ВИ) може да постигне успешна комерцијализација.
Во академијата се посветувам на истражување и развој во областа на вештачката интелигенција, со посебен фокус на обработката на природни јазици, биомедицината, биоинформатиката и вградливите системи. Преку моите истражувања, се обидувам да ги разбирам фундаменталните принципи зад алгоритмите и нивната примена во сложени научни проблеми. Од друга страна, како ко-основач на iReason, активно работам на трансформација на овие истражувања во практични, пазарно ориентирани решенија. Решенија кои се издвојуваат по својата оригиналност и применливост се voice bot платформата OpenBrain која веќе е на пазарот и активно ја помага корисничката поддршка со ВИ во неколку големи компании, како и ХИПО интелигентниот нослив уред кој предвидува хипертензија од ЕКГ сигнал. Во оваа улога, научив како технолошките иновации можат да се обликуваат за да одговорат на реалните потреби на корисниците и да постигнат одржливост на пазарот.
Оваа перспектива сега ја внесувам во академијата како координатор на ChatMED, нов проект финансиран од Horizon програмата на ЕУ. Оваа иницијатива, која има за цел да ги поврзе истражувачките институции со здравствениот сектор во „Widening“ земјите преку примена на Генеративна ВИ (GenAI). Проектот не само што отвора нови можности за истражувања, туку и создава основа за бројни партнерства со индустријата, што значи дека резултатите од ChatMED можат да се трансформираат во конкретни, комерцијално одржливи AI решенија.
Што значи успех за вас во вашата кариера и како се менувал тој концепт од почетокот до сега?
Успехот никогаш не е апсолутна категорија, тој е субјективен, променлив и длабоко поврзан со контекстот во кој живееме. Она што некогаш ни изгледало како врвно достигнување, со текот на времето станува само еден чекор на подолг пат. Во различни фази од животот, успехот добива нови облици и значења, обликувани не само од нашите лични стремежи, туку и од очекувањата на општеството.
Во академските почетоци, успехот се мереше преку стекнувањето знаење и совладувањето на предизвиците во образованието. Понатаму, тежината се префрла кон професионалната изградба, да се најде соодветна работа, да се стекне повисока титула, да се објави труд што ќе остави белег во научната заедница. Со текот на времето, она што некогаш било лично достигнување, сè повеќе станува колективна одговорност, па така успехот веќе не е само индивидуален триумф, туку нешто што носи вредност за заедницата.
Во денешната фаза, успехот за мене не се сведува само на академски титули или признанија, туку на способноста да создадам нешто што ќе има реално влијание и ќе биде пример за вредност на идните генерации. Сепак, покрај сите професионални аспирации, постои и едно постојано присутно прашање: дали успехот може да биде вистински ако во тој процес не сме изградиле стабилна, среќна средина за себе и за луѓето околу нас? На крајот, можеби најдлабоката дефиниција за успех е способноста да се пронајде рамнотежа меѓу работата и личниот живот, меѓу амбициите и мирот, меѓу создавањето и живеењето.
Какви се најголемите предизвици со кои сте се соочиле како жена во оваа област и како ги надминавте?
Еден од најголемите предизвици со кои се соочив беше долгото и неизвесно чекање за вработување на факултетот. Процесот беше истоштувачки, бавен и во многу аспекти нефер, особено ако се земе предвид биолошката природа на жената. Во академскиот свет, времето често е клучен фактор – предолгото чекање значи не само одложување на кариерата, туку и влијание врз личниот живот. Семејството, кое природно би требало да биде паралелен тек со професионалниот развој, се турка во позадина, а тоа носи свои последици. Во моментите кога патот изгледаше премногу тежок, единствениот избор беше да продолжам напред со работа, со истражување, со докажување дека вредноста на еден научник не треба да зависи од бирократски процедури. Решив да го искористам времето за да се вклучам во проекти, да градам соработка и да создадам платформа која ќе ми овозможи професионален раст без разлика на административните бариери.
Денес, гледам на овој предизвик како на лекција, академијата е бавен систем, но упорноста и посветеноста секогаш носат резултати.
Дали имате некој момент или искуство во кариерата што ви било особено инспиративно или наградувачко?
Во долгогодишната кариера, има моменти кои остануваат врежани како потврда дека трудот и посветеноста навистина се исплатат. Во моментов се присетувам на три такви моменти кои особено ми оставија трага – секој на свој начин, во различни фази од мојот професионален пат.
Првиот беше кога ја добив наградата за најдобар труд, во период кога тоа ми беше најпотребно, не само како академско признание, туку и како конкретна финансиска поддршка што ми даде сигурност и мотивација да продолжам понатаму. Вториот беше признанието за успешна жена претприемач во декември 2023, а третиот, уште понедамнешен и секако уште позначаен, беше моментот кога проектот под мое раководство ChatMED доби зелено светло од ЕУ. Ова не беше само успех за мене лично, туку и потврда дека идејата има потенцијал да направи реално влијание – да ги поврзе истражувачите, здравствените професионалци и индустријата во насока на подобрување на здравствениот сектор преку вештачка интелигенција.
Како мислите дека родовата разновидност влијае на работната атмосфера и решавањето проблеми на вашето работно место?
Иако техничките факултети често се перцепираат како доминантно машки средини, реалноста на моето работно место е поинаква – родовата застапеност меѓу кадарот е приближно 50-50, што создава динамика која има свој посебен баланс, во кој различните перспективи и пристапи кон работата се надополнуваат, наместо да се натпреваруваат.
Жените во тимот често внесуваат енергија, свежина и подготвеност за промена, предизвикувајќи динамичност што го разбранува секојдневниот академски тек. Покрај тоа, имаат изразена емпатија кон студентите, што води кон поинклузивно и поттикнувачко академско искуство. Од друга страна, машките колеги нудат структура и рационалност, а комбинацијата од овие два пристапи доведува до подлабоко и поефикасно решавање на проблемите.
Интересно е што, со оваа родова рамнотежа, концептите на семејството природно се пресликуваат и во работниот процес. Проблемите не се гледаат како индивидуални битки, туку како заеднички предизвици кои бараат тимска работа и меѓусебно разбирање. Ова овозможува подинамична, но и функционална работна средина, каде што различните перспективи не само што се почитуваат, туку активно се користат за да се постигне подобар краен резултат.
Како мислите дека вашето работење како жена во оваа област ќе влијае на идните генерации?
Жените честопати се на искушение да потклекнат пред навидум полесниот пат – оној во кој машкиот род, ќе ја преземе одговорноста, ќе ги решава проблемите и ќе обезбеди стабилност. Општеството често ја поттикнува оваа улога, нудејќи комфор во замена за амбициите, сигурност во замена за независност. Но, она што во моментот изгледа како олеснување, на долг рок може да значи неизживеан потенцијал, неостварени идеи и чувство дека нешто суштинско останало недокажано.
Затоа е важно жените да го трасираат својот пат и да го изградат својот глас – не само за себе, туку и за оние што доаѓаат после нив. Идните генерации нема да треба да се прашуваат дали можат – тие ќе знаат дека можат. Ќе гледаат примери на жени кои не чекале совршени услови, туку ги создавале сами. Ако денес се бориме за видливост, утре тие ќе се борат за нови научни откритија, за напредок, за подобро општество. Ако можам да инспирирам барем една жена да продолжи таму каде што традиционално не било лесно, тогаш знам дека она што го правам има долгорочна вредност.
Што би им советувале на младите жени кои размислуваат за кариера во оваа област?
На младите жени кои размислуваат за кариера во оваа област, би им рекла: фокусирајте се на градење на вашата кариера кога сте најсилни, за да ги берете плодовите тогаш кога ќе ви бидат најпотребни.
Концептот на work-life balance често се пропагира како клучен од самиот почеток, но реалноста е дека балансот е привилегија што доаѓа со времето. Во раните години, кога имате енергија, амбиција и способност да работите без ограничувања, тоа е моментот кога треба да се посветите максимално – да учите, да истражувате, да ризикувате и да градите нешто што ќе ве постави на стабилна патека.
Подоцна во животот, кога ќе дојдат периоди на ранливост – било да е тоа поради семејство, здравје или други животни околности – токму тие рани вложувања ќе бидат вашата сила. Кариерата што сте ја изградиле ќе ви овозможи флексибилност, избори и сигурност.
Затоа, мојот совет не е да се плашите од нерамнотежа во почетокот. Напротив, прифатете го периодот на all-in посветеност како инвестиција во иднината – бидејќи успехот не доаѓа преку рамнотежа, туку преку фази на интензивна работа, по кои доаѓаат фази на награда и стабилност.
Дали сте имале ментори или друг вид на поддршка што ви помогнала на вашиот професионален пат? Како ја гледате важноста на таквата поддршка?
Најважните лекции во животот често доаѓаат од неочекувани извори и секогаш нè пресретнуваат неподготвени. Понекогаш тоа е професор чии зборови звучат како критика, но подоцна сфаќаш дека токму тие те насочиле во вистинската насока. Понекогаш тоа е колега што несвесно ќе ти покаже како да се носиш со стресот. А некогаш, тоа е сосема случајна средба што, без да знаеш во моментот, ќе ти отвори нови врати.
Најголемата мудрост не е само да бараме поддршка, туку да ја препознаеме кога ќе ни се укаже. Никој не успева сам. Сите сме резултат на оние што верувале во нас, кои нè туркале напред и ни помагале – дури и кога тоа не сме го забележувале.
Затоа, наместо да чекаме совршени ментори, треба да го искористиме секој момент, секој разговор и секој предизвик како можност за учење. Понекогаш, токму оние што најмногу нè предизвикуваат, се оние што најмногу нè обликуваат.