Skip to main content

Завршна конференција за проектот „ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места„


На 25 и 26 февруари во Скопје се одржа студиска посета како завршен настан на партнерите во проектот „Премостување на родовиот и возрасниот јаз на пазарот на труд преку градење капацитети и промовирање на нови работни можности во прекуграничниот регион – ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“. Настанот собра претставници од локалните власти, бизнис-заедницата, невладиниот сектор и образовните институции од Македонија и Србија, како и учесници во активностите на проектот.

Настанот го отворија градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, и градоначалничката на општина Трговиште, Наташа Манасијевич, кои за време на настанот потпишаа и Меморандум за прекугранична соработка.

Добредојде на присутните им посака и извршната директорка на Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување, Габриела Костовска Богоеска, истакнувајќи ја важноста на ваквите иницијативи за одржлива соработка. Свои обраќања имаа и Драгана Панајотович, извршна директорка на Здружението на бизнис жени во Србија, Тијана Милованович, претседателка на Здружението на бизнис жени Врање, и Тинка Китеска, претседателка на Здружението „Праведни и професионални“.

Комуникацискиот офицер на Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување, Миа Ботинова Димитрова, ги презентираше активностите и постигнувањата на проектот.

Следеше панел-дискусија на тема „Институционална поддршка за невработени жени и млади: можности во претприемништвото, образованието и локалниот развој“. Панелисти беа претставници од различни засегнати страни: Соња Палчевска Ќосева (раководителка на одделението за јавни дејности во општина Ѓорче Петров), Даниела Димовска (директорка на Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Северна Македонија), Јасминка Бошева (директорка на СГГУГС „Здравко Цветковски“ – Скопје), Милан Стојкович (директор на средното стручно училиште „Милутин Бојич“ – Трговиште) и Ивана Генов (педагог во техничкото училиште Врање). Овие професионалциимаа земено активно учество во различни фази и активности на овој проект. Дискусијата претставуваше одлична можност за присутните да дознаат повеќе за нивната работа, како и да ги слушнат нивните размислувања и перспективи за овие значајни теми.

Во текот на настанот, учесниците воспоставија нови контакти и разменија искуства со претставници од различни институции, со цел создавање долгорочни партнерства и развој на иновативни решенија за зголемување на вработливоста на целните групи – жени и млади. Како дел од овој процес, беше потпишан Договор за прекугранична соработка меѓу средното стручно училиште „Милутин Бојич“ од Трговиште и средното стручно училиште „Здравко Цветковски“ од Скопје.

Вториот ден беше посветен на работилница на тема „Подобрување на јавните политики и комуникациски стратегии за поттикнување меѓусекторска соработка за поголеми можности за вработување на жените и младите“. Темата беше идентификувана како заеднички предизвик во двете фокус групи одржани во Србија и Македонија во рамки на проектот. Учесниците работеа во групи, дискутираа за предизвиците и предлагаа конкретни решенија, кои потоа беа презентирани пред сите присутни.

Проектот има за цел зајакнување на жените, младите и ранливите групи за пазарот на трудот, особено во секторите градежништво, металопреработка и ИТ, кои нудат подобро платени работни места, но се доминирани од мажи. Како дел од активностите, над 500 учесници во Македонија и Србија посетуваа обуки, спроведени беа менторски сесии со најуспешните, организирани беа теренски посети на компании, а развиени се и препораки за понатамошна имплементација. Покрај тоа, снимена е и серија од 10 подкасти со успешни жени во овие сектори, потпишани се меморандуми за соработка меѓу клучните актери, а создадени се и веб-страница и мобилна апликација за подобар пристап до можностите на пазарот на труд.

Проектот, кој трае до крајот на март 2025 година, е кофинансиран од Европската Унија преку финансискиот инструмент за претпристапна помош (ИПА II) во рамките на Програмата за прекугранична соработка Србија – Северна Македонија 2016-2020 година, во соработка со Министерството за финансии на Република Србија – Сектор за склучување договори и финансирање на програми од фондовите на ЕУ.

Успешно организирана фокус група во рамки на прекуграничниот проект „ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“


На 13 декември 2024 година, Фондација МИР организираше фокус група во рамки на проектот „ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“. На настанот, кој се одржа во Хотел Парк во Скопје, учествуваа различни претставници од јавниот и приватниот сектор, како и претставници од невладиниот сектор кои се залагаат за подобрување на положбата на жените во индустриите кои традиционално се доминирани од мажи.

Целта на фокус групата беше да се отвори простор за конструктивен дијалог околу клучните предизвици со кои се соочуваат жените во овие сектори, како и да се разгледаат начини за унапредување на нивниот статус и еднакви можности на работните места. Учесниците дискутираа за важноста на политиките и институционалната поддршка, но и за значењето на образованието и обуките, како и потребата од преквалификација и неформално образование за жените.

На фокус групата учествуваа претставници од:

  • Агенцијата за поддршка на претприемништво на Република Северна Македонија
  • Општината Ѓорче Петров
  • Јавната институција Центар за образование на возрасни
  • Невладини организации кои работат на подобрување на положбата на жените
  • Средното градежно гимназиско училиште „Здравко Цветковски“
  • Градежна компанија
  • Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС)

Дискусиите и собраните идеи ќе бидат искористени за развој на препораки, кои ќе бидат вклучени во бриф за политики. Овие препораки имаат за цел да ги информираат релевантните засегнати страни за конкретни мерки што треба да бидат преземени за поддршка на жените во овие сектори, со што ќе се помогне во понатамошното унапредување на родовата еднаквост на работните места, како на национално така и на регионално ниво.

Овој проект го спроведуваат Фондација за менаџмент и индустриско истражување – МИР во партнерство со Граѓанското здружение „Праведни и Професионални“, Здружение на бизнис жени во Србија и Здружение на бизнис жени Врање. Проектот се спроведува во Република Србија: Врање со две градски општини: Врање и Врњска Бања, општина Владичин Хан и општина Трговиште и во Република Северна Македонија во општините Бутел и Ѓорче Петров.

Линк до вест на веб-страницата на Фондација МИР:
https://mir.org.mk/uspeshno-organizirana-fokus-grupa-vo-ramki-na-prekugranichniot-proekt-cbc-ekvilajzer-za-pol-i-vozrast-na-rabotnite-mesta/

Придружете ни се на нашата бесплатна Обука за ИТ вештини!


Дали сте подготвени да ја започнете својата кариера во ИТ индустријата? Фондација МИР ве поканува на нашата практична „Обука за ИТ вештини“ како дел од проектот „ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“. На оваа 6-дневна програма што започнува на 17.10 (четврток), ќе имате можност да стекнете основни вештини и знаења неопходни за да напредувате во оваа динамична индустрија.

Digital Marketing (2)

Предводена од д-р Мијалче Санта, професор на Економските факултет во Скопје, оваа програма е дизајнирана да ви овозможи сеопгатно разбирање на клучните трендови во ИТ индустријата.

Ќе се запознаете со концептите на самовработување и претприемништво во дигиталната ера, откривајќи како креативноста може да ве издвои во денешниот конкурентен пејзаж. Во текот на сесиите, ќе научите повеќе за дигиталниот маркетинг, односно промоцијата и успешните приказни кои ја илустрираат моќта на ефективниот маркетинг. Обуката ќе ги опфати и суштинските трендови во дигиталната ера, опремувајќи ве со стратегии за наоѓање на работа преку Интернет и професионално претставување на социјалните мрежи. Ќе научите за алатките неопходни да воспоставите сопствен бизнис на интернет, како и за новите можности за онлајн работа и придобивките од онлајн образованието.

Во текот на оваа програма, ќе имате единствена шанса да се поврзете со лидери во индустријата, кои ќе учествуваат како гости говорници, и кои ќе ги споделат своите непроценливи искуства и совети.

За да се здобиете и со практично искуство, на последниот ден ќе бидете дел од теренска посета на една од врвните компании во секторот. За време на оваа посета, ќе добиете редок пристап до нивните операции, ќе ја истражите најсовремената технологија и ќе може да дознаете повеќе за отворените работни места и програмите за практикантска работа што би можеле да ја започнат вашата кариера.

Дополнително, 20 од најактивните учесници ќе бидат избрани за менторски сесии по обуката. Ова е фантастична можност за оние кои целосно ќе се вклучат во програмата да добијат персонализирана поддршка и совети за започнување на нивната кариера. Изборот се базира на редовниот ангажман и присуство во текот на обуката!

На крајот на обуката, сите учесници ќе добијат СЕРТИФИКАТ, со што ќе се обезбеди официјално признание за стекнатите вештини и учество.

Бројот на учесници е ограничен, затоа погрижете се да го обезбедите вашето место уште веднаш. Пријавете се денес со пополнување на следниот формулар: https://forms.gle/H9M5jxC45GSV3FzN6  

Лице за контакт:
Миа Ботинова Димитрова – Комуникациски офицер
communication@mir.org.mk

Линк до вест на веб-страницата на Фондација МИР:
https://mir.org.mk/pridruzhete-ni-se-na-nashata-besplatna-obuka-za-it-veshtini/

Успешно спроведена Обука за дејности од градежната индустрија!


Од 18-ти до 25-ти септември 2024 година, нашата организација успешно одржа шестдневна обука на Градежниот факултет во Скопје како дел од проектот ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места. Обуката привлече над 30 учесници, нудејќи сеопфатна програма дизајнирана да ги опреми со практично знаење и увид во клучните аспекти на градежниот сектор.

Настанот го отвори продеканот на Градежниот факултет, д-р Слободан Огњеновиќ, кој ги поздрави учесниците и ја истакна важноста на ваквите иницијативи во обликувањето на иднината на градежната индустрија.

Обуката ја водеше професор д-р Златко Зафировски, придружена со презентации и експертиза од група на истакнати гости – говорници: м-р Васко Гацевски, м-р Ристе Ристов, м-р Ивона Недевска, м-р Ивона Недевска Трајкова, м-р Фросина Пановска Георгиевска, м-р Наташа Малијанска Андреевска, д-р Наташа Неделковска и д-р Марија Доцевска Јованова.

Во текот на сесиите, учесниците се занимаваа со широк спектар на теми, со динамични дискусии по секоја презентација. Присутните беа охрабрени да разменат мислења и да го продлабочат своето знаење за итните прашања и можности во секторот.

Сесиите беа посветени на следните клучни теми од индустријата:

  • Градежништвото и неговите перспективи

Обуката започна со истражување на сегашните и идните перспективи на градежниот сектор. Говорниците ги истакнаа главните предизвици во индустријата како што се одржливоста, новите технологии и трендовите на урбаниот развој, поставувајќи ја основата за разбирање на поширокото влијание на градежништвото врз економијата и општеството.

  • Транспортна инфраструктура

Оваа сесија се фокусираше на суштинската улога на транспортната инфраструктура во поврзувањето на заедниците и поддршката на економскиот раст на државата. Учесниците го разгледуваа проектирањето и одржувањето на транспортните мрежи, вклучувајќи патишта и мостови, и дискутираа за иновациите што би можеле да ја подобрат еластичноста и ефикасноста на овие структури во иднина.

  • Организација и брани

Клучен момент на обуката беше сесијата за изградба на брани и управување со водните ресурси. Оваа сесија ги опфати инженерските принципи зад градењето брани и вклучените еколошки предизвици. Учесниците разговараа за студии на случај, хидропотенцијалот на земјата и предизвиците за балансирање на инфраструктурните потреби со одржливоста на животната средина, нагласувајќи како оптималното управување со водните ресурси може да го поттикне економскиот раст и да го поддржи одржливиот развој.

  • Геотехника и геодезија

Геотехниката и геодезијата се клучни за обезбедување на стабилност и одржливост на градежните проекти. Оваа сесија го опфати однесувањето на почвите, дизајнот на темелите и уметноста на геодетското земјиште. Учесниците се вклучија во дискусии за тоа како овие полиња се интегрираат со севкупната безбедност и успех на еден проект, со примери од реалниот свет за да се истакнат клучните принципи.

  • Конструктивно инженерство

Сесијата за конструктивно инженерство се фокусираше на принципите на проектирање и изградба на згради и инфраструктура. Учесниците ги испитуваа и традиционалните техники и модерните иновации, дискутирајќи за избор на материјали и стратегии за гарантирање безбедност и еластичност во различни средини. Оваа сесија ја нагласи клучната улога на конструктивното инженерство во развојот на безбедни и одржливи градби.

Направивме и обиколка на различни лаборатории на Градежниот факултет, каде што вработените го објаснија своето истражување и практичната примена на нивната работа во областа на градежништвото.

Обуката заврши со теренска посета на АДИНГ, една од водечките компании во градежната индустрија. Оваа посета им овозможи на учесниците да видат како теоретското знаење се применува во пракса, со можност да ги набљудуваат секојдневните операции, производствените процеси и да дознаат повеќе за можностите за вработување и пракса во една динамична и иновативна средина.

Линк до вест на веб-страницата на Фондација МИР:
https://mir.org.mk/uspeshno-sprovedena-shestdnevna-obuka-za-dejnosti-od-gradezhnata-industrija/

Придружете ни се на Обука за дејности од градежната индустрија!


Дали сте подготвени да ја започнете својата кариера во градежната индустрија? Фондација МИР ве поканува на нашата практична „Обука за дејности од градежната индустрија“ како дел од проектот „ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“. Оваа 6-дневна програма (18.09, 19.09, 20.09, 25.09, 26.09, 27.09), ќе ве опреми со вештини и познанства потребни за да се пробиете во еден од најдинамичните сектори на денешниот пазар.


Предводени од д-р Златко Зафировски, професор на Градежниот факултет во Скопје, на сесиите ќе бидат опфатени суштинските теми потребни за влез во градежниот сектор. Ќе слушнете и директно од лидерите во индустријата – сопственици на компании во првите редови на градежништвото – кои ќе ги споделат своите искуства, совети за успех и можности за работа.

За да се здобиете и со практично искуство, на последниот ден ќе бидете дел од теренска посета на една од врвните компании во секторот. За време на оваа посета, ќе добиете редок пристап до нивните операции, ќе ја истражите најсовремената опрема и ќе може да дознаете повеќе за отворените работни места и програмите за практикантска работа што би можеле да ја започнат вашата кариера

Дополнително, 20 од најактивните учесници ќе бидат избрани за менторски сесии по обуката. Ова е фантастична можност за оние кои целосно ќе се вклучат во програмата да добијат персонализирана поддршка и совети за започнување на нивната кариера. Изборот се базира на редовниот ангажман и присуство во текот на обуката!

На крајот на обуката, сите учесници ќе добијат сертификат, со што ќе се обезбеди официјално признание за стекнатите вештини и учество.

Бројот на учесници е ограничен, затоа погрижете се да го обезбедите вашето место уште веднаш. Пријавете се денес со пополнување на следниот формулар: https://forms.gle/tZacT5Yov5bbVnes5

Лице за контакт:
Миа Ботинова Димитрова – Комуникациски офицер
communication@mir.org.mk

Линк до вест на веб-страницата на Фондација МИР:
https://mir.org.mk/pridruzhete-ni-se-na-obuka-za-dejnosti-od-gradezhnata-industrija/

Придружете ни се на Обука за дејности од металопреработувачката индустрија!


Фондација МИР во рамките на проектот „ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“ организира „Обука за дејности од металопреработувачката индутрија“. Обуката ќе се одржи со физичко присуство и ќе трае 6 дена (26.06, 27.06, 28.06, 02.07, 03.07, 04.07). Обуката започнува на 26.06 (среда) од 9 часот во Центарот за култура „Ѓорче Петров“. 

На оваа обука учесниците ќе можат да се запознаат подетално со оваа индустрија и професиите во неа:

🔀 Логистика – асистентски улоги;
🌡Греење, климатизација и водовод;
💢 Фабрикација и заварување;
📈 Производство;
🔧 Мехатроника и автоматика;
⚙️ Лимарија и браварство
.

Шестиот ден (04.07) од обуката ќе биде посветен на теренска посета на избрани работодавачи – успешни компании од овој сектор. Дополнително учесниците ќе имаат можност да слушнат и од успешни жени во оваа индустрија.

Обуката ќе ја води г. Зоран Марков, редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје.

По завршување на обуките ќе бидат обезбедени менторски сесии за 20 учесници со избрани ментори. По завршување на менторската програма учесниците ќе бидат целосно подготвени за работа во избраниот сектор.

Вашето учество на обуката може да го потврдите со пополнување на следниот формулар: https://forms.gle/moknq4A4srfAee889

Линк до вест на веб-страницата на Фондација МИР:
https://mir.org.mk/pridruzhete-ni-se-na-nashata-obuka-za-obrabotka-na-metali/

Имплементирана Обука за надминување на родовите стереотипи на пазарот на труд!


На 31 мај 2024 (петок) во Центарот за култура „Ѓорче Петров“ беше имплементирана „Обука за надминување на родовите стереотипи на пазарот на труд!“. Оваа обука беше спроведена во рамки на проектот „ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“, имплементиран од страна на  партнерските организации Здружение на бизнис жени Србија, Фондација за Менаџмент и индустриско истражување, Здружение на бизнис жени на Врање и Здружението Праведни и професионални од Скопје.

Целта на обуката е подобро разбирање на проблемот со родовите стереотипи на пазарот на труд, подигање на свеста и опремување на учесниците со ефективни стратегии за надминување на овој проблем.  

Нашата обука започна со темелно истражување на потеклото на родовите стереотипи, испитување на историските, културните и социјалните влијанија. Учесниците се вклучија во интерактивни дискусии и вежби кои истакнаа како овие стереотипи не само што влијаат на изборот на кариерата и траекторијата на поединците, туку и ја поткопуваат стабилноста на пазарот на труд во националната економија.

Обуката беше спроведена од страна на Игор Николоски, консултант од ИНСАЈДЕР ИД со долгогодишно искуство во оваа област.

На обуката имаше и гости презентерки: Ива Павловиќ од TAKTIK Arhitektura и Елисавета Дончева, професорка на машинскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје. И двете презентерки дадоа свој осврт за работата во професија доминирана од мажи и нагласија дека само заедничка акција може да придонесе кон рушење на овие стереотипи.

Оваа обука ќе биде проследена со серии обуки за занимања во сектори во кои доминираат мажи, вклучувајќи информатичка технологија, обработка на метали и градежништво. Програмата предвидува и менторски сесии за учесниците откако ќе завршат со обуките.

Линк до вест на веб-страницата на Фондација МИР:
https://mir.org.mk/implementirana-obuka-za-nadminuvanje-na-rodovite-stereotipi-na-pazarot-na-trud/

Придружете ни се на Обуката за надминување на родовите стереотипи на пазарот на труд!


Во денешниот свет, родовите стереотипи продолжуваат да ги ограничуваат можностите и да го попречуваат личниот раст на жените и девојките. Затоа, Фондација МИР во рамките на проектот „ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“ организира обука за надминување на родовите стереотипи на пазарот на труд. Обуката ќе се одржи на 31 мај (петок) со почеток од 9 часот во Центарот за култура „Ѓорче Петров“.

Нашата обука има за цел да ја зголеми свеста и разбирањето за овие ограничувања и да обезбеди практични вештини и стратегии за нивно надминување. Преку интерактивна сесија и практични активности, ќе научите како да постапувате во предизвикувачки ситуации и ќе стекнете подлабоко разбирање за влијанието на стереотипите и стратегиите за нивно надминување.

На обуката ќе бидат присутни говорници кои ќе споделат дел од своето искуство на ова поле, како и успешни практики на глобално ниво. Ќе заминете со нови совети и стратегии за градење самодоверба, надминување на сомнежот во самите себе и нови идеи за постигнување на вашите цели.

Без разлика дали сте млада личност која сега влегува во работната сила, жена која бара нови работни можности или сте дел од невладина организација која се залага за родова рамноправност, оваа работилница е наменета за вас.

Само со предизвикување на традиционалните родови стереотипи можеме да создадеме пофлексибилен пазар на труд и опции за личен раст и развој за жените и девојките.

Би Ве замолиле Вашето присуство да го потврдите по е-пошта или со пополнување на следниот формулар: https://forms.gle/sS1CWZ91h2QNazap7

Агенда:

Регистрација на учесници

Запознавање со учесниците и програмата за обуката

Вежба бр. 1 – Дефинирање на стереотипни професии

Презентирање на ситуацијата во Македонија во однос на родовите стереотипи во бизнисот

Презентација на искуства и добри пракси од други земји

Кафе пауза

Како да се надминат погрешните стереотипни сфаќања наспроти податоците, фактите и опкружувањето?

Презентација на искуства од гости презентери од академија и приватен сектор

Коктел

Вежба бр. 2 Редефинирање на стереотипите и презентација на резултатите

Презентација на нови перспективи и резултати за промовирање на поголема еднаквост и поинклузивно општество.

Заклучни согледувања и прашања

Линк до вест на веб-страницата на Фондација МИР:
https://mir.org.mk/pridruzhete-ni-se-na-obukata-za-nadminuvanje-na-rodovite-stereotipi-na-pazarot-na-trud/

Конференција за Промовирање на нови можности за вработување во прекуграничниот регион


На 25-ти април (четврток) во Центарот за култура „Ѓорче Петров“ се одржа промотивна конференција на проектот „Премостување на родовиот и возрасниот јаз на пазарот на труд преку градење капацитети и промовирање на нови можности за вработување во прекуграничниот регион – ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“.

Screenshot 2024 04 26 084900

Имплементацијата на проектот започна во септември 2023 година и ќе трае до март 2025 година. Проектниот го спроведуваат партнерските организации Здружение на бизнис жени Србија, Фондација за Менаџмент и индустриско истражување, Здружение на бизнис жени на Врање и Здружението Праведни и професионални од Скопје.
Настанот го отвори претседателката на Здружението Праведни и професионални, г-ѓа Тинка Китеска, по што свое обраќање имаше и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, г. Александар Стојкоски, кој го нагласи значењето на ваквите проекти и соработката помеѓу секторите за успешно спроведување на активностите и постигнување на проектните цели.

438197634 749494797171732 6051496104083787908 N

Потоа, комуникацискиот менаџер во Фондација за менаџмент и индустриско истражување – МИР – Миа Ботинова Димитрова, детално ги опиша предвидените цели и активности. Општата цел на проектот е зголемено учество на жените, младите и ранливите групи на жени на пазарот на труд преку воведување иновативни пилот мерки за нивна поддршка. Овие пилот мерки вклучуваат:

– Обука за родови стереотипи;
– Обуки за занимања во сектори во кои доминираат мажите, вклучувајќи информатичка технологија, обработка на метали и градежништво;
– Теренска посета на работодавачите од таргетираните сектори;
– Менторска програма;
– Кампања за подигање на свеста против родовите стереотипи;
–  Креирање документи со препораки за јавни политики за придобивките од оваа програма;
–  Видливост и прекугранично вмрежување преку изработка на веб платформа и студиска посета на учесниците од Србија во Македонија.

438222230 749494867171725 7704502950050203931 N 1
Publika

По своето излагање, Миа Ботинова Димитрова ја отвори првата панел дискусија на тема „Родовиот јаз на пазарот на труд“, во која учествуваа претставници од Комисиите за еднакви можности на мажите и жените на општините Ѓорче Петров и Бутел – г-ѓа Оливера Николовска и г. Горан Гроздановски, како и претставнички од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, г-ѓа Даниела Јаневска и г-ѓа Санела Доневска Андоновска. Николовска и Гроздановски дадоа детален опис за работата на овие Комисии како и во поглед на надминување на родовиот јаз на пазарот на труд, така и во однос на целокупното прашање за родовата рамноправност во општините.  Јаневска и Андоновска ја презентираа работата на Конфедерацијата и ги нагласија предизвиците со кои се соочуваат жените на пазарот на труд – помалку раководни позиции за жените, родов јаз во платите, помалку можности за самовработување, итн. Тие дадоа и свои предлог мерки за справување со овие предизвици кои вклучуваат: олеснување на улогата на жените во домот, таргетирана поддршка за жените, специјални тренинг програми, јакнење на свесноста за бенефитот од родовата еднаквост за сите во општеството, можности за работа од дома и скратено работно време.

Screenshot 2024 04 26 085648

Конференцијата продолжи со втората панел дискусија на тема „Поддршка за зголемена вработливост на младите. Во овој панел учествуваа г-ѓа Сара Миленковска, коосновачка на Мрежа Стела – граѓанска организација која се стреми да го подобри пристапот до образование и економското зајакнување на жените и девојките во Македонија. Миленковска се осврна на менторската мрежа на Стела која им дава поддршка на младите девојки од средно образование, студентки како и дополнителна поддршка за овие групи по завршување на образованието и при нивно вклучување на пазарот на труд. Потоа г. Филип Ивковски, претседател на Националниот младински совет на Македонија го нагласи значењето на младинскиот стандард и потребата не само од работни можности, туку и квалитетни работни можности за младите. Ивковски го истакна недостатокот од практични вештини во образованието и практикантските програми и обуки на НМСМ за кариерен развој и поврзување на младите со работодавците кои се стремат да го надополнат овој недостаток во образованието.

Screenshot 2024 04 26 085710

Сè на сè, оваа конференција понуди одлична можност за промовирање на проектните цели и активности како и можност за размена на значајни информации во поглед на родовиот јаз на пазарот на труд и младинската невработеност во Македонија.

Screenshot 2024 04 26 085658


Линк до вест на веб-страницата на Фондација МИР:
https://mir.org.mk/konferenczija-za-promoviranje-na-novi-mozhnosti-za-vrabotuvanje-vo-prekugranichniot-region-2/

Конференција за Промовирање на нови можности за вработување во прекуграничниот регион



Со особено задоволство и чест Ве покануваме да ни се придружите на 25-ти април (четврток) во Центар за култура „Ѓорче Петров“, со почеток во 11 часот, да го обележиме почетокот на проектот „Премостување на родовиот и возрасниот јаз на пазарот на труд преку градење капацитети и промовирање на нови можности за вработување во прекуграничниот регион (ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места) “

Проектот ќе биде имплементиран од страна на Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување – МИР во партнерство со Здружението на бизнис жени во Србија, Здружението на бизнис жени Врање и здружението Праведни и Професионални. Целта на проектот е зголемено учество на жените, младите и ранливите групи на жени на пазарот на труд преку воведување иновативни пилот мерки за нивна поддршка.

На промотивната конференција ќе бидат презентирани проектните цели и активности, како и можностите за вклучување во проектот и бенефитите за главните целни групи (надлежни институции, работодавачи, граѓански организации). Дополнително, свој осврт на темата ќе дадат и релевантни чинители во оваа област.

Би Ве замолиле Вашето присуство да го потврдите по е-пошта или со пополнување на следниот формулар: https://forms.gle/YCdD7TLrMwjgWyuK9


Агенда

10:30 – 11:00Пристигнување и регистрација на учесниците
11:00 – 11:10Поздравно обраќање

– Тинка Китеска –
 Претседател на здружението Праведни и професионални
11:10 – 11:30Проектни цели и активности

– Миа Ботинова Димитрова –
 Менаџер за комуникации во Фондација за менаџмент и индустриско истражување – МИР
11:30 – 12:00Панел дискусија број 1: Родовиот јаз на пазарот на труд

– Обраќање на претставници од Комисиите за еднакви можности на мажите и жените од општините „Ѓорче Петров“ и „Бутел“
– Обраќање на претставник при женската група на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија

12:00 – 12:30Панел дискусија број 2: Поддршка за зголемена вработливост на младите

– Обраќање на претставници од граѓанскиот сектор кои соработуваат и работат кон подобрување на положбата и вработливоста на младите
–  Обраќање на претставник од Националниот младински совет на Македонија
12:30 – 13:30Затворање на настанот и коктел за вмрежување


Лице за контакт:

Миа Ботинова Димитрова
communication@mir.org.mk

Линк до вест на веб-страницата на Фондација МИР:
https://mir.org.mk/konferenczija-za-promoviranje-na-novi-mozhnosti-za-vrabotuvanje-vo-prekugranichniot-region/