Ема Пандилова – Инженер за машинско учење и демонстратор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – Скопје
Во рамките на проектот „ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“ започнавме серија интервјуа за промоција на добри практики, истакнувајќи го придонесот на жените кои работат во традиционално машки индустрии. Преку нивните искуства и успеси се стремиме да ги охрабриме и мотивираме целните групи на програмата. Разговараме со Ема Пандилова, инженер за машинско учење.

Ема Пандилова, родена во 2001 година во Скопје, има изградено солидна академска и професионална кариера во областа на софтверското инженерство и информациските системи. Средно гимназиско образование завршила со континуиран одличен успех во СУГСГ „Орце Николов“, Скопје. Притоа, учествува на повеќе натпревари од областа на математиката и биологијата, каде се има здобиено со бројни награди и признанија. Во 2020-та година се запишува на додипломски студии на насоката софтверско инженерство и информациски системи на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – Скопје. Во текот на нејзините студии, поради високите постигнувања и континуираниот успех, била повеќекратно наградувана и добитник на стипендии.
Во 2022 година, односно во третата година од додипломските студии, започнува со ангажман како лаборант на истиот факултет. Паралелно со студиите, работи во индустријата како инженер за машинско учење и на неколку софтверски проекти. Дипломира во 2024 година со просечна оцена 9.64, со дипломски труд „Трансфер на знаење со YOLO за детектирање на објекти во сателитски слики“. Со овој дипломски труд учествува и на ICT Innovations конференцијата, одржана истата година во Охрид. Веднаш по дипломирањето,се запишува на постдипломски студии на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, на студиската програма Софтверско инженерство. Истата година е ангажирана и како демонстратор на факултетот.
Научни полиња од особен интерес за неа се: машинско учење, компјутерска визија, длабоко учење, софтверско инженерство, генеративна вештачка интелигенција.
Во моментов работи како Machine Learning Engineer во компанијата Loka, каде што учествува во развојот на иновативни проекти со широка примена, почнувајќи со здравството, па се до теми од образованието и науката, оставајќи значително влијание на нивното подобрување преку напредната вештачка интелигенција. Паралелно Ема исто така е демонстратор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, каде што ги пренесува своите знаења и искуства на идните генерации на инженери, поттикнувајќи и покрај друго, поголемо учество на жените во STEM областите.

Што значи успех за вас во вашата кариера и како се менувал тој концепт од почетокот до сега?
Успехот е многу субјективна работа. На еден верзијата за успех може да биде утринскиот час по јога или работен ден надвор во парк на сонце. За друг тоа е многу повеќе. Овој поим и моето сфаќање за него се менувало доста низ годините.
На почетокот, сметав дека синоним за успех е самата диплома што ќе ја стекнам на крајот од моето студирање, но набрзо сфатив дека тука не завршува приказната. Од почетокот на мојата академска подготовка, успехот за мене беше да бидам најдобра во она што го правам, да освојувам награди и признанија.
Со текот на времето и со зголемувањето на моето професионално искуство, мојата дефиниција за успех се прошири и вклучува развој на решенија кои што не само што ги решаваат техничките предизвици, туку и го подобруваат квалитетот на живот за корисниците. Денес, успех за мене исто така значи и споделување на моето знаење со идните генерации на инженери, особено поттикнување на млади жени да влезат и да напредуваат во STEM полињата.
На крајот, успехот не е конечна цел и неуспехот не е катастрофален крај: она што навистина е значајно е храброста да продолжиме да се движиме напред. Подлабоката смисла на успех можеби лежи во способноста да се одржи рамнотежа меѓу професионалните аспирации и личниот живот, меѓу желбата за достигнување и потребата за внатрешен мир, меѓу иновациите кои ги правиме и животот кој го живееме.
Какви се најголемите предизвици со кои сте се соочиле како жена во оваа област и како ги надминавте?
Искрено, во моето досегашно искуство како жена во оваа област, не сум се соочила со големи предизвици кои биле предизвикани исклучиво од мојот пол. Почнувајќи од студентските денови па сѐ до професионалниот живот, имав среќа да бидам дел од средини каде што главниот фокус беше на знаењето, посветеноста и резултатите, наместо на тоа дали сум маж или жена. Така, секогаш се чувствував ценето според мојата стручност – моите идеи и иницијативи беа прифатени сериозно, а шансите што ги добивав зависеа од моите постигнувања. Секако, тоа не значи дека немаше предизвици воопшто, но тие беа вообичаени професионални предизвици (како совладување нови технологии или преземање одговорност во тешки проекти) кои ги надминував со напорна работа и поддршка од колегите – не пак бариери поставени поради мојот пол.
Знаејќи со што сè се соочуваат многу жени, со сето срце ги поддржувам проектите и иницијативите кои им помагаат на жените во STEM да ги надминат традиционалните бариери. Верувам дека со заедничка поддршка и солидарност можеме да создадеме околина во која сите таленти можат да дојдат до израз. На крајот на денот, успехот во науката и инженерството треба да зависи од знаењето и трудот, а не од полот.
Дали имате некој момент или искуство во кариерата што ви било особено инспиративно или наградувачко?
Во текот на мојата досегашна кариера, имало неколку моменти кои ми останале како потврда дека трудот, посветеноста и љубовта кон тоа што го правиш секогаш наоѓаат начин да бидат препознаени. Уште од студентските денови, сфатив дека секој вложен напор, дури и за најмалите задачи, се исплати – не само преку оценки, туку и преку внатрешно чувство на задоволство. Таа посветеност ми донесе повеќе признанија од факултетот, меѓу кои особено ја издвојувам наградата за еден од најдобрите студенти на генерацијата со просек над 9.5, како и континуираното добивање стипендии – и од факултетот, и од Министерството за образование и наука. Тие беа сигнали дека сум на вистинскиот пат.
Но, можеби најинспиративните моменти денес ги доживувам токму преку интеракцијата со студентите на кои предавам. Нивните коментари, искрен фидбек и анкетите што ги пополнуваат по наставата ми се силен поттик и доказ дека кога вложуваш енергија со љубов и искрена намера – тоа не останува незабележано. Токму тие мали потврди во секојдневието ме мотивираат да продолжам уште поинспирирано, со желба не само да пренесам знаење, туку и да ги охрабрам и поддржам идните генерации.
Како мислите дека родовата разновидност влијае на работната атмосфера и решавањето проблеми на вашето работно место?
Искуството што го имам и во академската средина и во индустријата ми покажува дека родовата разновидност има суштинско влијание врз работната атмосфера и начинот на кој се решаваат проблеми. Кога во тимот има луѓе од различни позадини, размислувања и искуства – меѓу кои и родовата припадност е важен фактор – се создава побогата и поотворена средина за соработка.
Во академијата, тоа се гледа преку пристапот кон студентите и начинот на кој се гради наставниот процес – жените, но и мажите во нашите тимови придонесуваат со различни стилови на комуникација, различно темпо и чувствителност кон одредени теми, што резултира со поквалитетно искуство за студентите. Токму оваа разновидност помага да се постигне рамнотежата, што е клучно за еден здрав академски процес.
Во индустријата пак, тимовите што имаат родова рамнотежа, според моето искуство, имаат и поразновидни идеи, и пофлексибилни пристапи кон решавање на проблеми. Жените во тимовите често иницираат разговори за подобрување на процесите, носат поголема сензитивност во односите и поттикнуваат комуникација која оди подалеку од строго техничкиот аспект. Тоа создава динамика во која иновацијата не произлегува само од техничкото знаење, туку и од културата на соработка.
Верувам дека токму преку таа разновидност – не само како бројка, туку како суштинска вредност – се гради средина каде што секој има простор да придонесе и да расте, а тимот заедно да донесува подобри и покреативни решенија.
Како мислите дека вашето работење како жена во оваа област ќе влијае на идните генерации?
Иако сè уште сум на почетокот од својата професионална кариера, верувам дека секој чекор што го правам има потенцијал да остави трага – не само во мојата работа, туку и во начинот на кој младите жени гледаат на своето место во оваа област. Самото присуство на жени во технички тимови, во предавачки улоги или на водечки позиции испраќа важна порака: дека не постои „типичен“ инженер и дека технологијата е простор отворен за сите кои имаат желба, љубопитност и трудољубивост.
Како демонстратор и ментор на помлади студенти, често добивам прашања и коментари кои покажуваат дека моето присуство, ангажман и начин на комуникација имаат влијание. Тоа ми дава дополнителна мотивација – да продолжам да работам со посветеност и транспарентност, знаејќи дека со тоа можеби инспирирам некоја млада девојка да поверува дека и таа може, и таа припаѓа тука.
Верувам дека долгорочниот ефект не се мери само со технологии и проекти што ги развиваме, туку и со охрабрувањето што ќе го понудиме на другите. Ако мојата работа придонесе барем малку кон создавање на поприфатлива, поразновидна и поинклузивна технолошка заедница – тогаш тоа за мене е една од највредните придобивки од сето ова патување.

Што би им советувале на младите жени кои размислуваат за кариера во оваа област?
На сите млади жени кои размислуваат за кариера во STEM би им порачала: не дозволувајте стравот или сомнежот да ви ја одредуваат иднината. Ако чувствувате страст кон науката, технологијата, иновациите – следете го тој повик, вложете се максимално и верувајте во своите способности, дури и тогаш кога патот изгледа тежок или нејасен.
Зголеменото учество на жените во овие области не е важно само од аспект на рамноправност, туку и затоа што разновидноста носи нови идеи, свежи перспективи и подобри решенија. Како што велат – разновидноста ја прави науката поуспешна.
Но, најважно од сè е нешто што често го потценуваме: самодисциплината. Не е секогаш талентот, ниту среќата она што води кон успех – туку истрајноста, способноста да продолжиш и кога е тешко, и да се појавуваш секој ден со иста посветеност. Тоа е таа моќ која ги прави луѓето незапирливи.
Верувајте во себе, бидете сигурно во она што го сакате, посветете се со љубов и истрајност – и резултатите ќе дојдат. А вашиот успех нема да биде само ваша лична победа, туку и вистинска инспирација за генерациите што доаѓаат.
Дали сте имале ментори или друг вид на поддршка што ви помогнала на вашиот професионален пат? Како ја гледате важноста на таквата поддршка?
Да, имала сум среќа низ целиот мој академски и професионален пат да бидам опкружена со луѓе кои верувале во мене и ми дале поддршка тогаш кога најмногу ми требала. Без разлика дали станува збор за професори кои ме охрабруваа да се пријавам на некој предизвик, колеги кои ми ја понудиле својата помош без двоумење, или пријатели и семејство кои ми давале енергија во моменти на замор – сето тоа ми помогнало да останам фокусирана и мотивирана.
Благодарна сум на моите ментори, професори на факултет, кои ми покажале како изгледа интегритетот во професијата, како се носат одлуки во комплексни ситуации, и како треба да изгледа еден вистински професионалец кој истовремено е и човек.
Верувам дека ваквата поддршка – и менторската, и емотивната – е клучна, особено во области како што е технологијата, каде понекогаш можеш да се почувствуваш изгубено или преоптоварено. Менторите не мора секогаш да ти го кажат точниот одговор – понекогаш доволно е само да ти го постават вистинското прашање, или да ти дадат потврда дека се движиш во добра насока.
Затоа и јас, сега кога сум во позиција да им помогнам на помладите, се трудам да бидам достапна, отворена и искрена – затоа што знам колку многу може да значи само една поддршка во вистински момент.