Skip to main content
Успешни приказни

Наташа Неделковска – Геотехнички инженер


Во рамките на проектот „ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“ започнавме серија интервјуа за промоција на добри практики, истакнувајќи го придонесот на жените кои работат во традиционално машки индустрии. Преку нивните искуства и успеси се стремиме да ги охрабриме и мотивираме целните групи на програмата. Разговараме со Наташа Неделковска, геотехнички инженер и соработник на Катедрата за геотехника на Градежениот факултет во Скопје.

Наташа, дали би сакале накратко да ни кажете за вас и вашата професија?

Јас сум д-р Наташа Неделковска, геотехнички инженер со децениско искуство во геотехнички истражувања и проектирање на геотехнички решенија во различни градежни проекти.

По дипломирањето на Градежниот факултет во Скопје во 2013 година, мојата стручна надградба продолжи со магистерски студии, а потоа и со докторски студии. Во 2023 година после одбраната на докторската дисертација се стекнав со научно звање Доктор на науки од областа на градежништвото.

Во текот на изминатата деценија, работам како инженер за геотехника, во истражување, проектирање и изведба на голем број објекти кои се реализираат кај нас, односно линиски инфраструктурни објекти како патни и железнички коридори, гасоводи и далеководи, обновливи извори на енергија, како и деловни и станбени објекти. Како позначајни проекти би ги издвоила: Железнички Коридор 8 – делница Бељаковце – Крива Паланка; Експресен пат Крива Паланка – Страцин; Aвтопат А4 Скопје – Блаце, Делница 2; Експресен пат Градско – Прилеп, делница Градско – Дреново; Експресен пат Штип – Радовиш и др. Како проектен координатор или проектант во овие проекти, активностите главно вклучуваа планирање на геотехнички истражни работи и in-situ тестови за мостови, вијадукти, усеци, насипи или тунели, потоа проектирање на технички решенија за темелење на објекти, заштита на косини, санација на свлечишта и мониторинг.

Паралелно со инженерската пракса, повеќе години бев активна во академската заедница како демонстратор на катедрата за геотехника при Градежниот факултет во Скопје, каде што работев со студенти на предмети како што се инженерска геологија, механика на почви и карпи, хидрогеологија, подобрување на карпи, свлечишта и стабилност на косини. Истражувањето и науката се исто така значаен дел од мојата кариера – автор сум на бројни трудови објавени во меѓународни списанија и презентирани на конференции и симпозиуми.

Наташа, што значи успех за вас во вашата кариера и како се менувал тој концепт од почетокот до сега?

За мене, успехот во кариерата значи континуиран напредок, стекнување нови знаења и применување на истите за решавање на инженерски предизвици. Кога започнав, успехот го гледав низ призма на академски постигнувања – дипломирање, магистерски и докторски студии. Потоа, секој нов проект, секоја објавен научен труд или конференциски настап ми беа потврда дека сум на вистинскиот пат. Особено ми значи кога можам да бидам дел од проекти што носат позитивни промени во заедницата или воведуваат иновации во нашата професија.

Какви се најголемите предизвици со кои сте се соочиле како жена во оваа област и како ги надминавте?

Геотехничкото инженерство, како и градежништвото воопшто, е традиционално доминирано од мажи, па како жена во оваа професија, сум се соочувала со предизвици и докажувања – особено во работата на терен, која често се смета за физички и ментално напорна. Kлучот за надминување на предизвиците беше трудољубивоста, самодовербата и постојаното учење. Кога луѓето гледаат дека си подготвен да се соочиш со секоја ситуација – без разлика дали станува збор за сложени анализи или работа на терен – почнуваат да те почитуваат без оглед на полот.

Друг предизвик беше балансирањето на професионалниот и личниот живот, особено кога работата бараше ангажман на терен. Со добра организација и поддршка, успеав да најдам начин да одговорам на професионалните обврски, а истовремено да одржам личен баланс.

Дали имате некој момент или искуство во кариерата што ви било особено инспиративно или наградувачко?

Имало многу моменти во мојата кариера што ми биле инспиративни и наградувачки. За мене, успехот во професијата се мери преку способноста да се заврши една работа квалитетно и во договорениот рок. Во геотехничкото инженерство, каде што проектите често се сложени и зависат од многу фактори – теренски услови, временски рамки, координација со различни тимови – успешната реализација на проектот е секогаш најголемата награда.

На крајот на денот, успехот значи да ја завршиш задачата квалитетно, навреме и со резултати што ќе имаат долгорочна вредност.

Како мислите дека родовата разновидност влијае на работната атмосфера и решавањето проблеми на вашето работно место?

Родовата разновидност носи различни перспективи, пристапи и начини на размислување, што значително го подобрува тимскиот дух и процесот на решавање проблеми. Во геотехничкото инженерство, каде што анализите и решенијата често бараат креативност и мултидисциплинарен пристап, тимови што вклучуваат и мажи и жени обично покажуваат поголема флексибилност и подобра комуникација.

Жените често носат детални, аналитички пристапи кон задачите, како и изразени организациски и координациски вештини. Во моето работно искуство, сум забележала дека тимовите во кои има баланс меѓу половите имаат подинамична и отворена дискусија, а со тоа и поефикасни решенија. Различните начини на размислување водат до подобро разгледување на проблемите од повеќе агли, што е особено важно во сложени инженерски проекти.

Како мислите дека вашето работење како жена во оваа област ќе влијае на идните генерации?

Верувам дека секоја жена што успешно работи во техничка и традиционално машка професија, создава позитивен пример за идните генерации. Моето работење и активно учество во проекти, истражувања и едукација не е само личен успех, туку и порака дека жените имаат место во оваа област и можат да бидат подеднакво успешни и влијателни.

На крајот на денот, сакам да ја пренесам пораката дека успехот во мојата професија – и во било која друга област – не зависи од полот, туку од знаењето, трудот и посветеноста.

Што би им советувале на младите жени кои размислуваат за кариера во оваа област?

На младите жени кои размислуваат за кариера во геотехничкото инженерство би им порачала: не плашете се да го следите својот интерес, бидете храбри и истрајни!

👉 Верувајте во себе – Ова е професија што бара аналитичко размислување, решавање на проблеми и постојано учење. Ако ве привлекува инженерството и предизвиците, не дозволувајте ничии стереотипи да ве поколебаат.

👉 Бидете подготвени да учите – Геотехниката е динамично поле кое бара континуирано надградување на знаењата. Прифаќајте секоја можност да учите – било тоа преку академски студии, практична работа, конференции или соработка со поискусни инженери.

👉 Не плашете се од теренската работа – Да, работата на терен може да биде физички и ментално предизвикувачка, но тоа е дел од убавината на професијата. Жените ја имаат истата способност да ја извршуваат оваа работа квалитетно, а со добра организација и тимска поддршка, сите бариери можат да се надминат.

Градежништвото е професија што ви овозможува да оставите вистински отпечаток – да создадете безбедни објекти, да решавате важни проблеми и да придонесете за заедницата. Ако имате страст за оваа област, тргнете напред со самодоверба!

Дали сте имале ментори или друг вид на поддршка што ви помогнала на вашиот професионален пат? Како ја гледате важноста на таквата поддршка?

Да, имав среќа во текот на мојот професионален пат да имам ментори кои одиграа клучна улога во мојот развој. Од професори на факултетот, кои ми ја пренесоа љубовта кон науката, до колеги со долгогодишно искуство, кои ми помагаа да го најдам својот пат во оваа професија.

Поддршката од колеги и професионални здруженија исто така беше многу важна. Членството во здруженија како Македонското друштво за геотехника, срдони меѓународни друштва и учеството на конференции ми помогна да се вмрежам и да ја зајакнам својата професионална репутација.

На крај, поддршката од моето семејство е непроценлива – нивното разбирање, мотивација и верба во мене ми помогнаа да ги следам своите професионални цели.

Затоа, сметам дека менторството и поддршката се есенцијални за секоја млада личност што сака да напредува.