Skip to main content
Успешни приказни

Снежана Николова – Ко-сопственичка на Пуравин ДООЕЛ Штип


Во рамките на проектот „ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“ започнавме серија интервјуа за промоција на добри практики, истакнувајќи го придонесот на жените кои работат во традиционално машки индустрии. Преку нивните искуства и успеси се стремиме да ги охрабриме и мотивираме целните групи на програмата. Разговараме со Снежана Николова, Ко-сопственичка на Пуравин ДООЕЛ Штип.

Наташа, дали би сакале накратко да ни кажете и вашата компанија?

Нашата компанија Пуравин ДООЕЛ Штип, е лиценцирана фирма за градежништво. Се бавиме со надзор, изведба, проектирање и ревизија на проектна документација.

Во нашето работење кое трае 25 години, имаме изведено респективен број на објекти од сите области, станбени, деловни, колективни згради, училишта, детски градинки итн.

Што значи успех за вас во вашата кариера и како се менувал тој концепт од почетокот до сега?

За мене како жена, сопруга и мајка, покрај обврските кон семејството истовремено и успехот во кариерата и работата се надоградуваа постепено. Од почеток со поскромни работни обврски поради обврските кон семејството, за потоа многу повеќе да се ангажирам во работата. Денес можам да кажам дека немам непознати работи во оваа обласѕ

Какви се најголемите предизвици со кои сте се соочиле како жена во оваа област и како ги надминавте?

Предизвиците со кои сум се соочила низ годините биле минимални, во смисол ,,Дали сама ќе можам да ги надминам предизвиците пред кои сум исправена“? Со смиреност, учтивост, амбициозност и професионалност ги надминав сите дилеми.

Дали имате некој момент или искуство во кариерата што ви било особено инспиративно или наградувачко?

Посебно ќе го истакнам како инспиративен момент изведбата на Колеџот „Јахја Кемал“ во Тафталиџе. Особено сум горда на овој проект, посебно дека е научна институција.

Како мислите дека родовата разновидност влијае на работната атмосфера и решавањето проблеми на вашето работно место?

Родовата разновидност во моето работење е повеќе од очигледна, посебно дека се работи за градежништво, каде позастапена е машката популација, но, за мене не претставува никаков проблем, напротив имаме многу почит едни кон други посебно кон мене како жена.

Како мислите дека вашето работење како жена во оваа област ќе влијае на идните генерации?

За идните генерации мислам дека оваа област ќе биде со уште поголеми предизвици, во однос на тоа дека се менуваат работите во поглед на  „женски – машки“ работи.

Што би им советувале на младите жени кои размислуваат за кариера во оваа област?

Јас како инженер архитект, најсрдечно им препорачувам на младите жени да ја следат интуицијата, желбата и амбицијата. Архитектурата и градежништвото е обликување, уметност и стил на живеење. Во мојата работа сум поценета и попочитувана од моите колеги мажи.

Дали сте имале ментори или друг вид на поддршка што ви помогнала на вашиот професионален пат? Како ја гледате важноста на таквата поддршка?

Нашата компанија е „фамилијарна“, па во текот на работењето имав голема поддршка од мојот сопруг. Истовремено на почетокот на кариерата искуството што го стекнав од постарите инженери, нивната коресподентност во работата и несебична помош во некои специфични ситуации ми беа од огромно значење, за што сум им многу благодарна. Важноста на ваквата поддршка е од голема предност во професионалниот пат на секој вработен во оваа област.