Skip to main content
Успешни приказни

Ивона Недевска Трајкова – Градежен инженер и асистент на Градежниот факултет при УКИМ


Во рамките на проектот „ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“ започнавме серија интервјуа за промоција на добри практики, истакнувајќи го придонесот на жените кои работат во традиционално машки индустрии. Преку нивните искуства и успеси се стремиме да ги охрабриме и мотивираме целните групи на програмата. Разговараме со Ивона Недевска Трајкова, градежен инженер и асистент на Градежниот факултет при УКИМ.

Ивона, дали би сакале накратко да ни кажете за вас и вашата професија?

Јас сум Ивона Недевска Трајкова, градежен инженер и асистент на Градежниот факултет при УКИМ во Скопје, специјализирана во областа на транспортната инфраструктура, железничките системи и урбаната мобилност. Во моментов сум докторанд на истиот институт, фокусирајќи се на геометриската деградација на железничките колосеци и нивното одржување.

Од 2021 година, јас сум асистент на Градежниот факултет, каде што одржувам вежби, менторирам студентски проекти и учествувам во научни истражувања во областа на транспортната инфраструктура. Активно работам на подготовка на наставни материјали и соработка со стопанството за практични обуки.

Мојот научноистражувачки ангажман вклучува публикации во меѓународни списанија индексирани со SCOPUS и учество на конференции. Работев на значајни проекти како консултант за изградба на коридорите VIII и X-д, како и автопатот Кичево-Охрид. Моите залагања се насочени кон модернизација на транспортната инфраструктура во Македонија и поддршка на идните генерации инженери.

Што значи успех за вас во вашата кариера и како се менувал тој концепт од почетокот до сега?

Успехот е поим кој кај мене се менуваше низ годините и искуството. На самиот почеток од кариерата, успехот за мене значеше стекнување диплома, обезбедување прва работа во градежништвото и можност да ги применам теоретските знаења од факултет во реалниот свет. Ова беше период на интензивно учење, докажување и прилагодување на предизвиците што ги носи оваа професија.

Со текот на времето, мојата дефиниција за успех почна да се менува. Сфатив дека успехот не се состои само во личните достигнувања, туку и во влијанието што го имам врз тимот, студентите и стопанството во целина. Почнав да го мерам успехот преку квалитетот на работата што ја извршувам, преку проектите што ги реализирам и преку знаењето што го пренесувам на идните генерации.

Денес, како асистент, успех за мене е кога ќе видам студент кој стекнал самодоверба и практични вештини благодарение на моето менторство. Успех е кога мојот труд и истражувања можат да придонесат за подобрување на градежната индустрија, било преку нови технологии, одржливи решенија или иновативни пристапи.

Какви се најголемите предизвици со кои сте се соочиле како жена во оваа област и како ги надминавте?

Градежништвото традиционално се смета за машка професија, но моето искуство беше позитивно – бев добро прифатена од страна на колегите, кои секогаш покажуваа почит кон моето знаење и работа. Никогаш не почувствував отворена дискриминација или потценување, напротив, најчесто добивав поддршка и охрабрување.

Сепак, една интересна динамика што ја забележав, особено при теренски посети, беше тоа што колегите беа малку повнимателни и заштитнички настроени кон мене – иако немаше реална потреба за тоа. Често добивав коментари од типот „Внимавај, тука е лизгаво“ или „Ќе одиш ли ти таму, можам јас да проверам наместо тебе“, што беше добронамерно, но во исто време покажуваше дека некои работи што се подразбираат за машките колеги, кај мене се гледаа со дополнителна грижа.

Со текот на времето, успеав да покажам дека сум подеднакво подготвена за теренската работа и дека нема потреба од дополнителна внимателност само затоа што сум жена. Колегите брзо се навикнаа на тоа и почнаа да ме третираат како рамноправен член на тимот. На крајот, најважно беше взаемната почит и квалитетот на работата.

Дали имате некој момент или искуство во кариерата што ви било особено инспиративно или наградувачко?

Во текот на кариерата како градежен инженер и асистент, имаше многу моменти што беа инспиративни и наградувачки, но неколку се издвојуваат како посебно значајни.

Горда сум на секој проект на кој сум работела и кој успешно сум го завршила, особено имајќи предвид дека се работи за проекти од транспортната инфраструктура кои имаат капитално значење за целата држава. Овие проекти не се само инженерски задачи – тие претставуваат суштински подобрувања за целиот сообраќаен систем, директно влијаат врз секој поединец и ја зголемуваат безбедноста, ефикасноста и економскиот развој. Секогаш кога гледам дека проект на кој што сум работела се пушта во употреба и носи реални придобивки за граѓаните, тоа ми дава чувство на огромна професионална гордост.

Дополнително, горда сум и на улогата што ја имам како асистент и иден професор, бидејќи наставата и менторирањето на студенти ми даваат можност да влијаам врз идните генерации инженери.  Студентите се тие кои потврдуваат дека мојата работа има реално значење.

Можноста да работам на истражувања што можат да донесат иновации во транспортната инфраструктура, да понудат одржливи и ефикасни решенија и да придонесат кон напредокот на професијата, е нешто што ме мотивира да продолжам со научниот ангажман.

Веројатно еден од најзначајните моменти во мојата кариера допрва доаѓа – одбраната на мојот докторски труд, на кој работам посветено веќе неколку години. Овој процес е еден од најголемите предизвици што сум ги презела, но истовремено и еден од најголемите извори на инспирацијаДокторските студии бараат упорност, длабоко истражување и посветеност, но крајниот резултат ќе биде круна на мојот труд и значаен придонес за науката и стопанството.

Секој успешен проект, секој благодарен студент и секој научен труд што придонесува кон подобрување на инженерството ме потсетуваат зошто ја избрав оваа професија и ми даваат дополнителна мотивација да продолжам со истата посветеност и ентузијазам.

Како мислите дека родовата разновидност влијае на работната атмосфера и решавањето проблеми на вашето работно место?

Родовата разновидност е важен фактор во секоја професионална средина, особено во градежништвото и академијата, каде што традиционално доминираат мажи. Моето искуство покажа дека тимовите што вклучуваат луѓе со различни перспективи – без разлика дали станува збор за пол, искуство или професионален профил – се поефикасни, покреативни и подобро се справуваат со комплексни предизвици.

Во градежништвото, секој проект бара мултидисциплинарен пристап, критичко размислување и соработка меѓу различни профили на професионалци. Во такви услови, родовата разновидност игра голема улога бидејќи носи различни пристапи кон анализата, донесувањето одлуки и решавањето на проблемите. Жените инженери често внесуваат аналитичност, подетален пристап и иновативни решенија, кои можат да бидат особено корисни при проектирање, организација на тимови и управување со ризици.

Оваа разновидност е особено видлива во комуникацијата и тимската работа. Жените во инженерството често имаат поинклузивен пристап, кој охрабрува размена на идеи и намалување на хиерархиските бариери. Ова е исклучително важно во динамични средини како што е градежништвото, каде што тимското донесување одлуки може да доведе до поефикасни решенија.

Во академијата, оваа динамика е уште поизразена. Забележав дека жените професори често создаваат отворена и поддржувачка средина која ги поттикнува студентите, особено оние кои имаат помала самодоверба, да бидат поактивни. Ова е особено важно за млади жени што се заинтересирани за инженерството, бидејќи позитивниот пример и поддршката можат да бидат клучни за нивната одлука да продолжат во оваа професија.

Родовата разновидност исто така игра улога во начинот на кој се решаваат проблемите. Мешаните тимови често прават подлабока анализа и носат покреативни решенија, бидејќи различните перспективи овозможуваат да се предвидат потенцијални проблеми уште пред да се појават. На пример, при работа на инженерски проекти, жените инженери често внесуваат подетален пристап во анализата, што може да спречи грешки во планирањето и проектирањето.

За време на работа на проект за нова патна делница во ридско-планински терен, нашиот тим се соочи со предизвик поврзан со трасирањето на патот низ нестабилно тло, што би предизвикало високи трошоци за стабилизација и подолг рок за изведба. Дел од тимот предложи традиционално решение со потпорни конструкции за стабилизација на теренот, но јас и неколку колеги предложивме алтернативен пристап – поместување на трасата кон постабилен терен, со цел да се избегне потребата од обемни потпорни конструкции и скапи геотехнички интервенции. Овој пристап овозможи намалување на трошоците за стабилизација, пократко време за изградба и подобра долгорочна стабилност на патот. Овој пример покажа како деталната анализа, разновидните пристапи во тимот и иновативното размислување можат да доведат до поефикасни и одржливи инженерски решенија.

Верувам дека иднината на градежништвото ќе биде уште поразновидна и дека родовата рамноправност ќе продолжи да игра сè поголема улога во создавањето на подобри и поефикасни инженерски тимови.

Како мислите дека вашето работење како жена во оваа област ќе влијае на идните генерации?

Мојата работа како инженер и академски кадар не е само личен успех – туку дел од една поголема промена во градежништвото и академијата. Верувам дека со секој чекор што го правам, можам да оставам позитивен белег врз идните генерации, особено врз младите жени кои размислуваат за кариера во оваа област.

Градежништвото долго време се сметаше за машка професија, но денес, сè повеќе жени инженери докажуваат дека оваа индустрија има простор за сите што имаат знаење, амбиција и посветеност. Со својата работа сакам да покажам дека родовите бариери можат да се надминат и дека во инженерството најважни се стручноста, интегритетот и иновативноста, а не полот.

Како асистент, имам можност директно да влијаам врз студентите – не само преку пренесување знаење, туку и преку мотивирање да ја следат својата страст и да бидат дел од оваа професија без страв или несигурност. Секогаш сум била свесна дека мојот пример може да биде инспирација, особено за студентките кои можеби се двоумат дали градежништвото е „соодветно“ за нив. Имав можност да работам со студентки кои на почетокот беа несигурни, но со време, поддршка и работа, тие стекнаа самодоверба и продолжија со успешни кариери во инженерството.

Однапред размислувам за влијанието што можам да го имам врз идните генерации и сакам да помогнам во менувањето на перцепцијата за тоа што значи да се биде успешен инженер. Долго време, градежништвото се поврзуваше со физички тешка работа, но со развојот на технологиите, дигитализацијата и новите инженерски методи, сè повеќе се покажува дека оваа професија бара аналитичко размислување, креативност и способност за донесување одлуки – вештини кои се универзални и независни од полот.

Верувам дека иднината на градежништвото ќе биде уште поразновидна, поинклузивна и подинамична, а мојата улога е да бидам дел од таа позитивна промена.

Што би им советувале на младите жени кои размислуваат за кариера во оваа област?

Мојот најважен совет за младите жени кои сакаат да градат кариера во градежништвото и академијата е да веруваат во себе и во своите способности. Оваа професија нуди огромни можности за раст, иновации и создавање трајни проекти, но бара и посветеност, аналитичко размислување и упорност. Никогаш не дозволувајте предрасудите или сомнежите да ве поколебаат – ако сте подготвени да вложите труд и да се усовршувате, нема граници за тоа што можете да постигнете.

Постојано учете и развивајте се. Градежништвото е динамична област што постојано се менува. Важно е да бидете во тек со новите технологии, да учествувате во истражувања, семинари и проекти, и да ги надградувате своите вештини.

Изградете професионална мрежа. Барајте ментори и професионални контакти, бидејќи тие можат да ви помогнат да се развиете и да се насочите во кариерата. Градење професионални контакти е клучно, не само за наоѓање можности, туку и за размена на знаење и искуства.

Не се плашете од предизвици. Понекогаш ќе има ситуации кога ќе се чувствувате несигурно или ќе се соочите со скептицизам, но важно е да останете истрајни. Предизвиците се можност за учење и напредок.

Бидете подготвени за работа на терен. Градежништвото не се сведува само на канцелариска работа – практичното искуство на терен е непроценливо. Немојте да дозволите никој да ви сугерира дека теренот „не е за вас“.

Бидете инспирација за другите. Со текот на времето, кога ќе стекнете искуство, помогнете им на идните генерации инженери – без разлика на нивниот пол – да ја најдат својата професионална патека.

На крајот, најважно е да верувате во себе, да работите напорно и да не дозволите нечии предрасуди да ве дефинираат.

Дали сте имале ментори или друг вид на поддршка што ви помогнала на вашиот професионален пат? Како ја гледате важноста на таквата поддршка?

Да, менторството и поддршката одиграа огромна улога во мојот професионален развој.. Верувам дека никој не успева сам – вистинските ментори, советници и поддржувачи можат да направат разлика помеѓу просечна и извонредна кариера.

Во раните фази на кариерата, особено при првите искуства на терен или во проектирањето, менторите беа клучни за моето стекнување на практични вештини. Искусните инженери со кои работев ме научија како да размислувам критички, како да донесувам одлуки во сложени ситуации и како да го поврзам теоретското знаење со реалната пракса. Еден од највредните совети што ги добив беше: „Не се плаши да прашаш – подобро е да научиш на време, отколку да направиш скапа грешка.“ Ова ми помогна да разберам дека поставувањето прашања не е знак на слабост, туку на амбиција и желба за учење

Во академскиот свет, поддршката од поискусни професори беше подеднакво важна. Моите ментори ми помогнаа да ги развијам моите истражувачки вештини, да научам како да пишувам научни трудови и како да предавам на начин што ќе биде инспиративен за студентите. Најголема мотивација ми беше нивната доверба во мене – тоа што ми даваа можност да учествувам во истражувања и конференции, ми помогна да се изградам како иден професор.

Освен формалните ментори, огромна улога одиграа и моите колеги – луѓето со кои споделував искуства, предизвици и идеи. Размената на знаење и меѓусебната поддршка ни помогна да напредуваме заедно.

Сега, кога и самата сум во улога на ментор, се трудам да ја вратам поддршката што јас ја добив. Работејќи со студенти и млади инженери, се обидувам да им помогнам да стекнат самодоверба, да им дадам практични совети и да ги охрабрам да продолжат со истражување и професионален развој. Сакам да создадам средина каде што младите, без разлика на полот, ќе чувствуваат дека имаат поддршка да ја следат својата кариера во градежништвото. Верувам дека добриот инженер не се создава сам – тој се развива низ искуствата, учењето и соработката со другите.

Затоа, секогаш кога имате можност, барајте ментори, поставувајте прашања и учете од поискусните. А кога ќе дојде време, вратете ја таа поддршка назад – затоа што идните генерации инженери ќе имаат потреба од истата помош што и ние ја добивме.